January 23, 2022

Нова Влада за три недели?

Институциите нема да ги чекаат крајните рокови за избор на новата Влада. Се очекува уште утре претседателот Стево Пендаровски да му го врачи мандатот на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Со тоа, стартува уставниот рок од 20 дена, во кој мандатарот треба да го дефинира составот на Владата како и програмата по која таа ќе работи, и да го достави до Собранието. Спикерот Талат Џафери ги очекува овие материјали веднаш по Божикните празници. Најавува дека и тој нема да го чека крајниот рок од 15 дена за свикување на Собранието, туку веројатно ќе закаже седница за првиот постпразничен викенд.

Ковачевски синоќа доби доверба од Централниот одбор да ја води не само партијата туку и Владата. Вети дека новиот состав од „Илинденска“ ќе биде ориентиран кон економијата, заштитата на здравјето, продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија.

Кабинетот предводен од Ковачевски треба има поголема собраниска стабилност од оној на Заев. Зад него ќе застанат двајца пратеници повеќе, што значи парламентарна поддршка од 64 пратеници. По договорот Заев-Гаши, владеачкото мнозинство, кое по локалните избори остана без Беса, се засилува со четворица пратеници од Алтернатива. Овој нов владин партнер ќе има тројца министри, како и повеќе директори во јавни претпријатија и агенции, кои веќе почнаа да ги преземаат раководните функции.

Извор: Телма