January 22, 2022

Најскапиот помфрит на светот чини 200 долари – се служи во ресторан во Менхетен

Ресторанот веќе го држи светскиот рекорд за најскап хамбургер кој чини 295 долари, како и сладолед кој чини 1.000 долари.

Во њујоршки Менхетен постои ресторан во кој се служи најскапиот помфрит на светот. Гостите во ресторанот „Serendipity 3“ популарниот помфрит го плаќаат неверојатни 200 американски долари.

И тоа не е сè. Овој ресторан веќе го држи светскиот рекорд за најскап хамбургер кој чини 295 долари и сладолед со цена од 1.000 долари. Од 13 јули оваа година на листата се придружил и најскапиот помфрит на цел свет, според Гинисовата книга на рекорди.


„Serendipity3“ е навистина забавно место. Тука доаѓаат луѓе да слават кои главно сакат да побегнат од суровата реалност“, изјавил Џо Калдероне, директор и готвач за „CNN“, пренесува „Newsbeast“.

Точното име на овој помфрит е „Crème de la Crème Pommes Frites“, а се подготвува од компири кои пред тоа се бланшираат во оцет и шампањ. Потоа се пржат во густа маст, а не на масло за јадење и тоа не еднаш туку двапати. На тој начин секое компирче останува меко однатре, а крцкаво однадвор.

Сосот кој се служи со најскапиот помфрит на светот се подготвува од сирење „Mornay“ во кое се додава и една од најретките печурки на светот.


„Тартуфот е главната ѕвезда на ова јадење“, изјавил главниот готвач.

Како и многу ресторани ширум светот, така и „Serendipity3“ во текот на пандемијата бил затворен. Главните готвачи затоа го осмислиле ова јадење, сметајќи дека тоа е најдобриот начин да се вратат на гастрономската сцена во Њујорк во голем стил. И – не погрешиле!