January 22, 2022

Скопје повторно на врвот на најзагадени градови во светот

Непријатната миризба и високата концентрација на штетни ПМ10 честички во воздухот веќе втор ден создаваат главоболки на жителите на главниот град.

Доцна синоќа, Скопје повторно се најде на неславната листа на најзагадени градови во светот искачувајќи се на третото место со измерени 247 микрограми на кубен метар, веднаш зад Лахоре во Пакистан и главниот град на Бангладеш Доха.

Еко-активистите велат дека иако овој проблем тлее со години, надлежните се уште немаат волја за имплементација на заедничка стратегија за борба против загадувањето, а секоја мерка која би се донела сега би била привремена и краткотрајна.

-Законот си има прагови на алармирање, на известување, на мерки кои може да се преземат во овие неколку денови за некако да се спушти ова ниво на загадувачки честички. Може да се ограничи работата на индустриските капацитети, да се ограничи движењето на сообраќајот и возила кои не ги исполнуваат условите за да се движат, да се стопира работата во градежните зони, но генерално тоа се само ад-хок мерки.-Ели Пешева О2 иницијатива.

А додека скопјани се гушат во смог, политичките партии и денеска продолжија со меѓусебните обвинувања. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека загадувањето е резултат на неуспехот на претходната градска администрација да се справи со овој проблем што е главната причина зошто Скопје се уште високо котира на листата најзагадени градови.

-Тоа што СДСМ не направи ништо за подобрување на квалитетот на воздухот е проблем против кој градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ќе се борат. Но пред се тоа е проблем за кој решение мора да изнајде државата во целост, но владата е неспособна зошто 5 години нема ниту еден проект за подобрување на квалитетот на воздухот.-ВМРО- ДПМНЕ.

Од СДСМ пак велат дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за три пати ги намалила паричните средства наменети за животна средина што претставува сериозен удар во борбата против аерозагадувањето.

Намалувањето на средствата значи сериозен удар врз капацитетите кои се ботар против загадувањето на животната средина, а со ваков пристап на Арсовска, Скопје уште долго време ќе биде на врвот на најзагадени градови во светот.- Стефан Васев- СДСМ.

Извор: Канал 5