January 19, 2022

ВAKА МОЖЕТЕ СЕКОГО ДА ОБВИНИТЕ ДЕКА ЗЕЛ ПАРИ Груевски реагира од Унгарија за „Плацеви на Водно“

Верувам дека не само јас, туку и самите сведоци биле збунети кога добиле покана за овој предмет, бидејќи се свесни дека немаат никаква врска со тоа.

Најверојатна претпоставка е дека од Обвинителството сакаат да докажат дека од овие донации во вкупна вредност од 9.000 евра, јас наводно сум купил станови и земјиште, за кое без никаков доказ или евиденција Oбвинителството тврди дека сум го платил еден милион и триста илјади евра, реагираше експремиерот Никола Груевски по денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“.

По денешното рочиште за случајот „Плацевите на Водно“ повторно се огласи поранешниот премиер Никола Груевски, кој го оцени рочиштето како „празно, бесмислено и гротескно“, додавајќи дека двајцата денешни сведоци биле преземени од предметот „Титаник“.

За едниот сведок, Драги Огњановски, кој сведочеше дека донирал 5.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ и дека лично Коце Трајановски го одвел во партиското седиште, Груевски вели дека го познавал многу одамна, односно многу години пред да биде извршена донацијата.

„Уште едно празно и бесмислено, во суштина и гротескно рочиште и сведочење во судот по предлог на Јавното обвинителство во предметот ’Плацеви на Водно‘. Последните два сведока кои ги предложило Обвинителството биле извесна Сузана Николовска и Драги Огњановски. Обвинителите веќе не знаат што прават и зошто викаат сведоци, иако имаат огромна моќ која произлегува од природата на нивната работа, но и од блиската спрега со актуелната власт. Денешните два сведока се преземени од предметот ’Титаник‘ со дадени искази уште во 2015 година и нејасна е врската со овој предмет“, напиша Груевски.

За сведокот Сузана Николовска, тој вели дека не ја познава лично, а за сведокот Драги Огњановски вели дека се има сретнато во периодот 1990-1992 година.

„Сузана Николовска не ја познавам, таа исто така кажала дека никогаш не се сретнала со мене. Таа кажала дека како советник на партијата во Општина Гази Баба донирала 200.000 денари и подоцна уште 60.000 денари, што се заедно е околу 4.000 евра. Кажала дека донацијата ја предала на благајникот во општината, и не навела имe на тој благајник. Вториот сведок Драги Огњановски кажал дека пред изборите во 2006 година по наводен повик на тогашниот градоначалник на Гази Баба, Коце Трајановски, донирал 300.000 денари што е приближно околу 5.000 евра, и за тоа имал каса прими издадена од тогашниот секретар на партијата, Гордана Јанкуловска. Кажал дека не ме познава лично и дека се надевал дека со таа донација ќе си обезбедел да не му ја ’закачаат‘ фирмата. Со овој сведок во посредство на мој роднина, се имам сретнато и подолго разговарано лично неколку пати по приватна основа некаде на почетокот на деведесетите години, отприлика некаде околу 1990-1992 година, кога уште бев студент и не бев вклучен во политиката. Тогаш се сеќавам Драги само што почнуваше да се занимава со бизнис и продаваше канцелариски матерјали по фирми. Од тогаш, речиси 30 години, го немам ни видено, ни чуено, ниту некој ми го спомнал неговото име, ниту, пак, тој барал средба со мене. Донацијата на партијата од приближно 5.000 евра, за која говорел, ако воопшто се случила, е 15 години подоцна, после нашите неколку средби. Фактот што кажал дека не ме познавал ми отвори сомнеж и за другиот дел од исказот, во смисла дали и останатиот дел од приказната која ја кажал е точен. Во меѓувреме, денес се распрашав за него и дознав дека подоцна, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, било откриено дека на неговата градежна фирма УЈП пронашла посериозни наоди за неплатен данок, по што се соочил со законски проблеми и веројатно материјални издадоци, па бил доста лут на партијата која ја водев и се приклучил во партијата ’Обединети за Македонија‘ каде на некои од изборите бил и носител на листа, а се испостави дека неговата и сопругата на претседателот на таа партија Љубе Бошковски биле и роднини. Инаку денес во распрашувањето за него разбрав дека најпрво бил член или поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, каде наводно во општинските комитети се претставувал и како мој роднина, што не е точно, па заминал во ВМРО-НП, па во Обедините за Македонија, па којзнае каде е сега. Не знам што се случило со неговата фирма каде неплатил данок по доаѓањето на СДСМ на власт и дали тоа има некаква врска со неговиот исказ, но тоа може да се провери. Дознав само дека во претходните години имал средби со Кирацовски од СДСМ и дека насекаде изразувал лутина кон поранешната власт, пред сè поради наодите на даночната управа кои очигледно го погодиле“, пишува Груевски.

Но, вистинското прашање е зошто воопшто се повикани овие сведоци од страна на обвинителството, прашува поранешниот премиер.

„Што е целта, ако воопшто ја има, и што е нивната поврзаност со судскиот предмет за кој нè судат? Верувам дека не само јас, туку и самите сведоци биле збунети кога добиле покана за овој предмет, бидејќи се свесни дека немаат никаква врска со тоа. Најверојатна претпоставка е дека од Обвинителството сакаат да докажат дека од овие донации (доколку навистина се случиле, особено втората), а во вкупна вредност од 9.000 евра (и со зборови: девет илјади евра), јас наводно сум купил станови и земјиште, за кое без никаков доказ или евиденција Oбвинителството тврди дека сум го платил еден милион и триста илјади евра. Имено, во овој предмет, согласно законите, Обвинителството треба да докаже дека од некаде сум земал пари со кои подоцна сум купил имот, како што велат тие вреден над 1,3 милиони евра. Бидејќи не се случило такво нешто, тие се принудени да конструираат нешто.

Во случајот се гледаат две работи, а тоа е дека ниту имаат најелементарен доказ дека сум купил имот, ниту доказ дека од некаде сум обезбедил пари за такво нешто. Ниту, пак, реално може да имаат таков доказ бидејќи немало такво нешто. Во една таква ситуација, тие се обидуваат одредени мали износи на наводни партиски донации, без никаков доказ да ги препишат дека јас сум ги земал и искористил за купување имот, и сето тоа без никаков доказ дека сум ги земал, напротив со сведочења дека не сум земал. На ваков начин секој лидер на партија може да биде обвинет, со претпоставка, повторувам ПРЕТПОСТАВКА, дека земал дел од партиските пари. Сега обвинителството очекува дека судијата треба да сфати и да прифати дека тие 9.000 евра завршиле кај мене, иако и самата Гордана Јанкуловска како генерален секретар, и сите до еден други сведоци кажаа дека никогаш од нив ниту сум побарал, ниту сум добил пари“, пишува Груевски.

Во продолжение, целиот статус на Груевски: