January 19, 2022

ТРЕБА ЦЕЛА ГОДИНА ЗА ЦЕЛОСНО ОЗДРАВУВАЊЕ ОД КОВИД: Британските научници објавија студија за пост-хоспитализација

Eкспертски тим од научници од Велика Британија по спроведена студија во земјата објавија дека едвај 30 проценти од пациентите кои болнички се лекувале поради компликации од корона вирусот, изјавиле дека се чувствуваат целосно оздравени дури по една година.

Британски Гардијан, повикувајќи се на студијата од научниците пишува дека помалку од една третина од пациентите целосно закрепнуваат во рок од 12 месеци по отпуштањето од болница.

Како што се развиваше пандемијата, сè поголем број истражувања открија дека ковид-19 не само што предизвикува здравствени проблеми на краток рок, туку има и долгорочни последици. Студијата покажува дека многу од оние кои имале симптоми подолг период по хоспитализацијата покажале мало подобрување.

– Само еден од тројца пациенти се чувствува целосно закрепнат во рок од една година – рече Рејчел Еванс, една од ко-авторите на студијата за пост-хоспитализација за ковид-19 спроведена под покровителство на Биомедицинскиот Национален институт за здравствени истражувања (NIHR) во Лестер.

За жал, не видовме подобрување по една година кај пациентите, вели Еванс.

Учесниците опфатени во студијата биле групирани во еден од четирите „кластери“: многу тешки симптоми, тешки симптоми, благи симптоми и оние со други умерени симптоми. Додека оние од „благата“ група пријавиле околу четири симптоми во просек, оние во многу тешката група пријавиле околу 20.

Студијата не може да ја докаже причината за тековните симптоми и ја нагласи потребата од пристапи за подобрување на менталните и физичките оштетувања кај пациентите. Крис Брајтлинг, професор по респираторна медицина на Универзитетот во Лестер и главен истражувач на студијата,

рече дека тимот се обидува да утврди дали автоимунитетот може да биде двигател, додавајќи дека антиинфламаторните лекови би можеле да се тестираат за да се види дали помагаат за подобрување.