January 22, 2022

Изненадувачка одлука: ВМРО-ДПМНЕ предлага премиеp Албанец наместо Ковачевски

Предвремени парламентарни избори во мај или јуни како единствен излез од кризата, а дотогаш да се формира техничка Влада која ќе ја преводи лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Ова е предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како одговор дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против Албанец да биде технички премиер. Очекува и ДУИ и другите албански опозициски партии да го поддржат Гаши за премиер. На новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, му порача да се одважи и да излезе на предвремени избори, за да си го потврди легитимитетот.

– Бидејќи Пендаровски бара 61 потпис да застанеме со 61 потпис позади името на Африм Гаши и тој наместо Димитар Ковачевски да биде идниот мандатар бидејќи велеше дека единствена причина заради која ја поддржува влада е да не го кочи евроатланскиот процес кој гледаме дека е закочен. Потоа гледам дека си најде нова причина, а тоа да ги реши економската и енергетската криза, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Експресно реагираа од Алтернатива, од каде за Канал 5 велат дека му се благодарни на Мицкоски за изразената почит кон Гаши, но партијата моментално е во друг процес кој уште не е завршен и во овој период немаат причина да зборуваат за ништо друго.

Мицкоски претходно ја повика Алтернатива да се откаже од коалицирање со СДСМ и со ДУИ, затоа што земјава повторно не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ. Според него, Владата нема стратегија за надминување на спорот со Софија, додека, како што рече, бугарските барања се зголемуваат и нема нов пристап со стари бугарски позиции.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека кон овој проблем треба да се пристапи така што ќе бидеме отворени кон сите соседи, ќе им даваме почит на сите, но нема да коленичиме и да тргуваме со нашиот идентитет. Да се придржуваме до рамката во Резолуцијата што ја донесе македонското Собрание. Наместо тоа, гледаме што се случува – Бујар Османи си прави маркетинг, Зоран Заев и Димитар Ковачевски си прават состаноци, а Стево Пендаровски се радува на новиот пристап, додека Македонија и граѓаните добија ново вето“, изјави Мицкоски.

Ваквиот предлог на Мицкоски е неприфатлив за владејачките партии, а за истиот се огласи и самиот Гаши.

„Му благодариме на господинот Мицкоски за изразената почит кон претседателот Африм Гаши, но Алтернатива моментално е во еден процес кој е во тек и се уште не е завршен. Во овој период немаме причина и не можеме да зборуваме за ништо друго.“ – велат во одговорот кој го добивме од партијата. Сепак, партијата на Гаши конечниот став ќе го гради утре за кога е закажано Централното претседателство на кое ќе се носат одлуки за тоа како ќе делуваат во иднина.

За разлика од партиите од власта, оние во опозиција со јасна поддршка за Гаши. Довчерашниот коалиционен партнер на Алтернатива, Алијанса за Албанците вели дека штом Мицкоски смета дека Гаши има капацитет да ги реши пробемите со кои се соочува државата, тие се подготвени да дадат зелено светло за тоа

Предлогот на Мицкоски, Гаши да ја води Владата до избори дојде по ставот на ДУИ дека во ВМРО-ДПМНЕ немаат проблем етнички Албанец да го состави новиот владин кабинет.