January 23, 2022

СРБИЈА ЌЕ БИДЕ ХЕЛИКОПТЕРСКА ВЕЛЕСИЛА Вучиќ ќе купи 30 хеликоптери

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска најави дека земјата во 2022 и 2023 година ќе набави уште околу 30 хеликоптери и дека ќе биде хеликоптерска велесила во регионот, јави дописникот на МИА од Белград.

– Голем број хеликоптери се набавени годинава и во претходните години, а очекувам големи набавки на хеликоптери следната година и во 2023 година. Очекуваме уште вкупно 18, плус 12 хеликоптери – изјави Вучиќ по демонстрацијата на хеликоптерски единици на Воздухопловните сили и ПВО и 63-та падобранска бригада во Ниш.

Вучиќ порача дека Србија ќе има и 11 хеликоптери Х145, потоа четири Ми35, три Ми17, плус 11 или 12 Ми35, кои ги купуваат половни од една членка на ЕУ.

Значи, ние ќе бидеме, ако можам така да кажам, хеликоптерска велесила во овој регион – нагласи Вучиќ.

Тој денеска пред новинарите изјави дека на средбата со компаниите од одбранбената индустрија на Србија е донесена одлука за помош на домашната наменска индустрија со 145 милиони евра во првиот квартал од 2022 година.

Како што кажа денеска Вучиќ, донесена е одлука и дека Србија во следните пет години ќе нарача опрема, оружје и орудија, возила и муниција, мини, ракети од домашната наменска индустрија во вредност од 1,25 милијарди евра.

Вучиќ истакна дека со зголемувањето на платите на припадниците на војската е запрен одливот на луѓе од армијата.