January 22, 2022

ВО ЖИВО: Авиони Ф-16 и Авакс на НАТО сега ќе летаат над Скопје

На Меѓународниот аеродром Скопје и во воздушниот простор над главниот град денеска ќе биде организирана активност со цел демонстрирање на начинот на изведување на мисијата на НАТО за воздушно патролирање над Македонија.

Како што соопштија од владината прес-служба, за време на планираната активност, медиумите и пошироката јавност ќе можат да се запознаат и да посведочат за начинот на кој се изведува воздухопловното патролирање, како и да се запознаат со борбените воздухоплови на НАТО Ф-16 и АВАКС кои ќе бидат вклучени во оваа активност.

На настанот ќе присуствуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска и високи гости од Собранието и Владата, командантот на НАТО центарот за комбинирани воздушни операции во Торехон – генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

По завршување на настанот, обраќања ќе имаат министерката Шекеринска и генералот Де Ла Круз.

Со овој настан, ќе се одбележи официјалното вклучување на воздушниот простор на Република Македонија во системот на НАТО воздушно патролирање.