January 19, 2022

ГРАДОТ ЌЕ КУПИ СВОИ УКРАСИ ЗА НОВА ГОДИНА Арсовска го раскина договорот на Шилегов со „Линк медиа плус“

Новата градоначалничка на Скопје Данела Арсовска го раскина договорот за новогодишно украсување на Скопје.

„Соочени со енергетската криза која е во тек, а имајќи предвид дека државата набавува електрична енергија со драстично повисока цена, како и во согласност со Владината одлука за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, сакаме да ја информираме јавноста дека Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медиа плус ДООЕЛ за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000 денари односно 243.000 евра“, информираа од Град Скопје.

Следната година наместо досегашната практика на ненаменско трошење на парите на граѓаните и ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на Градот со што ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси. Ова е само прв пример за воспоставување нова пракса на одговорно и транспарентно работење на Градот, со што ќе ставиме крај на неодговорното работење и трошење на градските буџетски средства, објаснуваат од градската управа.

Договорот за новогодишно украсување беше склучен од претходниот градоначалник Петре Шилегов, со фирмата „Линк медиа лус“ и чини 240.000 евра.