January 19, 2022

Откако се дигна прашина за набавка на скап прибор за јадење во Влада, најавено можно поништување на постапката

На новинарско прашање за јавната набавка за угостителски прибор, за којашто одредени медиуми информираа дека е несоодветна, мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека откако ќе биде избран за премиер ќе ја провери и доколку е во обем и постапка која е несоодветна ќе ја поништи.

– Јас немам детали за таа набавка бидејќи се уште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид на јавни набавки. Меѓутоа од кога ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста, доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам, рече претседателот Ковачевски.

Денеска, мандаторот за состав на новата влада на Република Македонија, Димитар Ковачевски, официјално му ги достави на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Предлог-составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

На средбата посочи дека очекува изборот на членовите на владата и нејзината програма да бидат одобрени без одложување.

Претседателот Џафери го информира дека седницата за избор на новиот состав на владата ќе ја свика во сабота, 15 јануари 2022 година, во 11:00 часот.