January 23, 2022

Д-р Даниловски – брзите тестови не го ловат Омикрон

Во последните неколку недели како што се зголемуваат бројките, така се повеќе се повеќе расте и бројот на новозаразени со омикрон, кој веќе насекаде низ светот се шири со брзина на светлината.

Тоа што е охрабрувачки со појавата на новиот сој, како што велат дел од лекарите е дека колку поексплозивно се шири, толку побрзо и спласнува

Појавата на варијанта на вирусот со висока заразност, но со помала смртоносност, во принцип, укажува дека вирусот „чувствува“ дека се стега обрачот околу него. Имено, оној момент кога тој ќе почне сѐ поретко да наоѓа осетливи домаќини, тој се обидува да се адаптира.

Кај него се јавуваат мутации кои треба да му овозможат да го заобиколи веќе стекнатиот имунитет кај луѓето – со прележување или вакцинирање, сеедно. Вирусот на тој начин си обезбедува повторно простор за распространување“, објаснува во изјава за „Фокус“, епидемиологот Драган Даниловски

Тој додава дека веројатноста да се заврши во болница со омикрон е околу 70-80 проценти помала во однос на делта, што е „добра вест“.

„Според последните наоди на истражувачи од Јужна Африка, омикрон е 100,3 проценти попренослив од оригиналната верзија на коронавирусот од Вухан и 36,5 проценти попренослив од делта. Ова е во спротивност со претходните проценки дека омикронот е 2-5 попренослив од делта.

Интензитетот на ширење му е поголем во споредба со сите досегашни соеви. Десет заразени случаи во просек заразуваат преку 30 осетливи домаќини. Велиме, ефективниот репродукциски брок (Rt) му е во моментот преку 3,0“, тврди епидемиологот.

Според него, секогаш кога еден вирус се шири експлозивно, тој брзо и спласнува.

„Едноставно, колабира сам во себе. Ќе му недостаса гориво многу брзо. Еве една аналогија: шумски пожар во еден момент се задушува самиот, заради тоа што го потрошил целиот кислород потребен за горење. Многу е веројатно омикрон да е последната варијанта со пандемиски потенцијал.

Сигурно е дека вирусот ќе мутира и во иднина, особено што постои голема нерамномерност со опфатот на вакцините во светот. Но, тие идни варијанти тешко да ќе пројават пандемиски потенцијал“, додава доктор Даниловски.

ТЕСТИРАЊАТА ВО МОМЕНТОТ НЕМААТ СМИСЛА

Во однос на бројките, кои секојдневно излегуваат во дневните статистики на министерството за здравство се очекува дека реалните бројки се за 5 до 10 пати поголеми.

„Еве зошто. Симптомите на омикрон не се разликуваат од оние на настинка. Тоа се симптоми на горните дишни патишта (најчесто кашлица, малаксаност, затнатост и течење на носот). Граѓаните веќе подолго време претежно се тестираат со брзи тестови од аптека. Нивната сензитивност се движи меѓу 30 и 60 проценти за делта. За омикрон е уште пониска. Значи, добиените негативни резултати се во голема мера лажно негативни.

И граѓаните слободно продолжуваат да се движат. Има и такви кои и со позитивни наоди тоа го прават, заради лесните симптоми, а има и такви кои, иако имаат симптоми, не се ни тестираат.

Оттаму, бројот на позитивни ПЦР тестови ни оддалеку не ја отсликуваат вистинската состојба. Настрана фактот што за изработка на еден ПЦР тест потребни се најмалку неколку саата, вели Даниловски