May 27, 2022

Средбата меѓу Заев и Гаши заврши: Соопштија дека имаат напредок во преговорите

Заврши и денешната средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ во оставка Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши околу влегувањето на оваа партија во владата.

„Имаме напредок во преговорите, следуваат консултации во нашите партии, ќе има известување од партиите, изјави кратко Гаши по средбата, според ТВ21.

Заев и Гаши и вчера разговараа повеќе од четири часа, по што беше соопштено дека двете партии имаат начелна согласност околу правецот и концептот според кој треба да се води државата. На дневен ред сега се преговорите околу кадровските импликации на евентуалното учество на Алтернатива во власта.

Владата попладнево соопшти дека на средбата меѓу Заев и Гаши е „констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт“.

Разговорите, како што се вели во соопштението, продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните.

-Се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада која ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

На средбата Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, а лидерот на Алтернатива Гаши од партискиот генерален секретар Беким Сали.